Светска здравствена организација донираше замрзнувачи на Министерството за здравство / Институтот за јавно здравје и брзи дијагностички тестови на Лабораторијата за вирусологија, за зајакнување на капацитетите за тестирање, превенција и одговор на КОВИД-19 во Северна Македонија, со фокус на подготвеност за спроведување на националниот план за вакцинирање против КОВИД-19.
Придонесот кон зајакнување на капацитетите на земјата за дијагностика и проширување на лабораториите кои вршат молекуларно тестирање за присуство на САРС-CoV-2, овојпат наменет за Институтот за јавно здравје, се состои од 20.000 брзи тестови, 3 биомедицински замрзнувачи -30°С и 2 биомедицински замрзнувачи -86°C. Сметаме дека навременоста на оваа донација е поврзана со вакцинацијата против КОВИД-19, но и потоа, за дијагностичките процеси на долг рок.
Еден биомедицински замрзнувач од -30 ° C може да собере до 57.000 дози вакцини, односно 171,000 дози за вкупно 3 замрзнувачи, додека еден замрзнувач -86 ° C може да складира до 117,000 дози вакцини или вкупно 234,000 дози за 2 замрзнувачи. Вкупната вредност на двете донации е 156.254 УСД еквивалентно на 8.042.550 МКД.
Донацијата беше предадена на директорот на Институтот за јавно здравје, др Шабан Мемети и раководителот на Лабораторија за вирусологија Елизабета Јанчевска.