ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 46-та недела од 2017 година (од 13.11.2017 – 19.11.2017), во Република Македонија пријавени се 67 (I=3,2/100.000) новозаболени од грип/на грип слични заболувања, што е зголемување во споредба со минатата недела кога биле регистрирани 47 заболени лица.

Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични  на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018Untitled1

Во 46-та недела најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца е регистрирана кај лицата над 65 годишна возраст.

Оваа недела најголем број заболени се пријавени од подрачјето на ПЕ Гостивар (23 случаи), додека највисока инциденца од 50,4/100.000 е регистрирана на територија на ПЕ Дебар.

Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на заболени од грип изнесува 367 (I=17,7/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 23,6%. Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 19 ЦЈЗ/ПЕ, а само во 8 од нив бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број на заболени лица (100) се регистрирани во ПЕ Гостивар.

Во однос на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 63,8%, а најголема инциденца се регистрира кај лицата над 65 години.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 46-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 5 материјали за тестирање на грип – негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.

Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 33 хумани материјали од здравствените установи, сите биле негативни за присуство на вирусот на грип.

 

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација за оваа сезона се 27.997 дози на вакцина.

Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 27.990 лица заклучно со 46-та недела на територијата на РМ, или искористени се 99,9% од вкупно набавените вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (за 45 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип во земјите од регионот. Потврдени се како позитивни 4,5% од тестираните од сентинел надзорот.

Досега предоминира инфлуенца А со 50%, а 60,6% од нив се субтипизирани како А (H3N2).

Од анализираните А (H3N2) на генетско ниво, сите припаѓаат на типот кој е застапен во вакцината за оваа сезона.

Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје