Во периодот од 02.08-08.08.2019, добиени се вкупно 6 пријави, од кои 5 се класифицирани како мали сипаници.
Сите случаи се од Скопје. Според возрасната дистрибуција, во тек на оваа недела пријавени се по еден случај од возрасните групи под една година, од 1-4г. и од 5-9г. и 2 случаи се на возраст над 30 години. Според вакциналниот статус, 5-те случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
По нови добиени податоци и повторна класификација на случаите, од декември 2018 заклучно со 08.08.2019 година, вкупниот број на случаи во Република Северна Македонија изнесува 1.889 случаи со стапка на заболување од 91,3 на 100.000 жители.
Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на С. Македонија.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови, од кои највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 165,1/100.000 (112 случаи), Куманово 162,6/100.000 (232) и Скопје 160,4/100.000 (991) (Картограм 1).
Картограм 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во С. Македонија, декември 2018 – август 2019
Возраста на заболените се движи од 1 месец до 63 години (медијана – 27,2 години). Најголем број на заболени се на возраст над 30 години – 847 (44,8%), а највисока инциденца од 1.390,5/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година (325 случаи, 17,2%). Кај децата на возраст од 1-4 години се регистрира инциденца од 304,9 на 100.000 жители (283 случаи, 15%) (Графикон 1).
Графикон 1. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според возраст, декември 2018-август 2019 (n=1.889)
Според вакциналниот статус, 1.520 или 80,5% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 325 (21,4%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
Од пријавените случаи, 850 или 45% биле хоспитализирани, а кај 298 (15,8%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации биле кај деца од 0-4 години (n=135; 45,3%), и тоа 77 (25,8%) – кај деца до една година и 58 (19,5%) – кај деца на возраст 1-4г, што укажува дека овие возрасни групи – најмалите, се најзасегнати и подложни на компликации.
Од вкупно регистрираните 1.889 случаи на мали сипаници, 653 или 34,6% се лабораториски потврдени, 690 или 36,5% се епидемиолошки поврзани, додека 546 случаи (28,9%) се со клиничка слика на мали сипаници. Според резултатите добиени од примероците испратени во референтната лабораторија за мали сипаници во Луксембург, во државата циркулира генотипот B3 Dublin кој циркулира и во соседните држави.
Во текот на 31 недела во Скопје се вакцинирани 186 деца (167 во предучилишна и 19 во училишна возраст), а во останатиот дел од државата вакцинирани се вкупно 526 деца (385 во предучилишна и 141 во училишна возраст). Од почетокот на епидемијата, во Скопје се вакцинирани 16.519 деца, додека во останатиот дел од државата вакцинирани се 18.407 деца на возраст до 14 години кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 34.926.
Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 6.127 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје