
Петтиот редовен состанок на Извршното тело на европскиот процес за здравје и животна средина на Светската здравствена организација (СЗО) се одржа на 24-25 ноември 2015 година во Скопје, во организација на Министерството за здравство на Република Македонија, Институтот за јавно здравје на РМ и Европската канцеларија на СЗО.
Извршното тело на процесот беше формирано на петтата министерска конференција за здравје и животна средина во Парма, Италија како водечко меѓународно тело за имплементација и мониторинг на Европскиот процес за здравје и животна средина.
Поздравни обраќања имаа министерот за животна средина и просторно планирање, г-н Нурхан Изаири и заменик-министерот за здравство г-дин Јовица Андовски. Состанокот го отвори и водеше Проф. д-р Драган Ѓорѓев, актуелен претседавач со Извршното тело на европскиот процес за здравје и животна средина.
Говорниците истакнаа дека Процесот за здравје и животна средина има високо место во агендата на Владата на РМ. Причина за тоа не е само целта да се исполнуваат превземените обврски на Министерската конференција во Парма и да се следи прогресот на Европскиот процес, туку и фактот дека граѓаните на Република Македонија секојдневно се соочуваат со низа ризици по здравјето кои доаѓаат од загадувањата во животната средина. Загадувањата на медиумите на животната средина, особено загадувањето на воздухот имаат евидентни сериозни последици по здравјето со повеќе стотини смртни случаи годишно и со неколку милиони евра економски трошоци. Истакнати се и повеќе национални и меѓународни проекти кои се водат во двете министерства меќу кои доминираат активностите за проценка на ризиците од аерозагадувањето како најгорлив здравствено еколошки проблем во државата. Во овој сегмент е унапредена легислативата, мониторингот и инфраструктурата за управување со квалитетот на воздухот на национално и локално ниво, вопоставена е и методологија за процена на здравствените ризици од аерозагадувањето. За жал, и покрај тоа аерозагадувањето преставува еден од најгорливите здравствено-еколошки проблеми во Република Македонија.
На дводневниот состанок учествуваа вкупно 82 учесници, од кои 39 членови на Извршното тело на Процесот од 32 земји членки на европскиот регион на СЗО, како и претставници на невладиниот сектор, членови на делeгации, останати агенции на ОН и набљудувачи од земјата домаќин – Република Македонија. На состанокот се разгледуваше финалниот нацрт план за работа за подготвителниот процес за шестата Министерска конференција. Акцентот беше ставен на неколку нови теми од насоките (road-map) за Конференцијата: урбаните зелени простори и здравјето, отпадот и здравјето и еколошки-одржливи здравствени системи, но не беа заборавени и актуелните проблеми – аерозагадувањето и климатските промени. Во периодот кој следи ќе се водат интензивни преговори меѓу земјите членки за изготвување единствена листа на заеднички приоритети од оваа област за сите 53 земји од европскиот регион на СЗО.