Министерот за здравство Никола Тодоров и Началникот на одделението за физиологија и мониторинг на исхрана при Институтот за јавно здравје на РМ д-р Игор Спироски ги промовираа нацрт-Насоките за исхрана на населението во Република Македонија.
Насоките/Водичот за исхрана на населението во Република Македонија претставуваат препораки за компонентите на диетата со чие консумирање би се воспоставила исхрана што ќе придонесе кон здравствени придобивки на населението. Тие содржат препораки кои се базирани на докази присутни во науката за исхрана и јавното здравје. Целта на Насоките е да го подобрат здравјето на општата популација во нашата држава во актуелниот момент, но и здравјето на идните генерации, преку промоција на навики за здрава исхрана и физичка активност. Таквите навики би требало да станат правила и норми во животниот стил на сите луѓе. Препораките ќе бидат наменети за здравите луѓе, на возраст над 2 години. Тие ќе се појават во време на зголемени здравствени ризици на нашата популација, која, како и населението во најголем број на земји со тнр. „западен” стил на живот, се соочува со здравствени ризици поврзани со хроничните незаразни болести. Заради тоа, овие насоки ќе бидат корисни и за луѓето кои имаат зголемен ризик од хронични болести.
Лошата исхрана и слабата физичка активност се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на зголемена телесна тежина и дебелина во светот. Ситуацијата во нашата држава сугерира дека тие проблеми се сè повеќе присутни и кај популацијата во Република Македонија. Бројките покажуваат дека 60,5% од мажите и 47,8% од жените на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, а околу 20% од возрасните во државава се дебели.
Дури и да не постојат зголемената телесна тежина и дебелината, лошата исхрана и физичката неактивност се поврзани со најголемите ризици за морбидитет и морталитет на населението. Во нив се вбројуваат кардиоваскуларните болести, хипертензијата, дијабетот тип 2, остеопорозата и некои типови на рак.
Насоките се поделени во неколку поглавја кои во најголем дел обработуваат посебни аспекти на исхраната на населението. Сепак, клучно е тие да бидат сфатени како целина, односно како интегрирани препораки за здравје. Оние кои ќе ги читаат и спроведуваат треба да ги гледаат како една целина и како дел на вкупните насоки за исхрана и здравје.
Документот нема да даде одговори на сите прашања поврзани со исхраната и здравјето, ниту пак има претензии за тоа. Исхраната е индивидуален процес во кој поединецот сам одлучува за својот избор, а здравствените исходи најчесто не можат причинско-последично да се поврзат само со исхраната. Наместо тоа, Водичот ќе претставува базичен документ, кој во таква форма досега не е претставен на населението во РМ, кој ќе ги содржи најважните препораки за исхрана која промовира подобро здравје, но и предупредувања за ризиците поврзани со консумирање на определена храна. Насоките ќе бидат базирани на прифатените научни сознанија и ќе ги сумираат препорките од најрелевантните европски и светски центри кои се занимаваат со науката за исхрана. Тие ќе бидат основа за правилна исхрана на населението, но и корисна алатка за здравствените професионалци кои ќе можат да врз нив да ги градат индивидуалните препораки за своите пациенти.
Нацрт-верзијата е достапна за на веб страната на Министерството за здравство