Во периодот од 13.04-19.04.2019, пријавени се вкупно 121 случај на мали сипаници.
Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 79 случаи се од Скопје, а останатите 42 се од 8 други градови во Македонија – Тетово (14), Куманово (10), Велес (8), Гостивар (4), Охрид (3), Струмица (1), Свети Николе (1) и Ресен (1).
Во тек на оваа недела најголем број на случаи (52) се на возраст над 30 години, следат децата на возрст од 0-4 години со 44 регистрирани случаи.
Според вакциналниот статус, 90 односно 70% од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 19.04.2019, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.081 случај на мали сипаници со стапка на заболување од 52,2 на 100.000 жители, што претставува највисок број на регистриран случаи во последните 10 години.
Поради исполнување на епидемиолошките критериуми, епидемија од мали сипаници е прогласена на цела територија на Република Северна Македонија!
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 21 град од Македонија, од нив 692 случаи се од Скопје, Куманово – 103, Тетово – 93, Струга – 50, Кичево – 30, Велес -24, Гостивар – 20, Гевгелија -18, Дебар – 17, а во останатите градови се регистрирани помалку од 10 случаи (Графикон 1).
Графикон 1.Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија, декември 2018 – април 2019
Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години –463, а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 36,4 на 100.000 жители. Пријавени се 184 деца на возраст под една година каде што се регистрира и стапка на заболување од 787,2 на 100.000 жители. Децата на возраст 1-4 години се регистрираат со 189 случаи и втора највисока инциденца од 203,6 на 100.000 жители (Графикон 2).
Графикон 2. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според возраст, декември 2018-април 2019 (n=1081)
Според вакциналниот статус, 810 или 75% од заболени лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 184 (17,0%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
Од вкупно 189 заболени деца на возраст од 1-4 години, 89,4% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 613 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 66,4% (n=407) се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од пријавените случаи, 442 или 41% биле хоспитализирани, а кај 188 (17,4%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации – 52 или 27,7% биле кај деца на возраст под една година а 39 (20,7%) кај деца на возраст од 1-4 години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.
Во Скопје од почетокот на епидемијата, вкупно се вакцинирани 12.468 деца до 14 –годишна возраст.
Во останатиот дел од државата, вкупно се вакцинирани 7.776 деца до 14-годишна возраст со прва или втора доза.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 20.244.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје