Краток преглед на епидемиолошката состојба со мали сипаници во Северна Македонија
Во периодот од 06.04-12.04.2019, пријавени се вкупно 126 случаи на мали сипаници (лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска).
Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 57 случаи се од Скопје, при што 70% од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Останатите 69 заболени се од 10 други градови во Македонија и тоа:
- од Куманово пријавени се 22 случаи, од нив 90% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус соодветно;
- од Кичево – 15 случаи, 66,7% од нив невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус;
- од Струга се 12 случаи, од нив 83,3% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус;
- од Тетово се пријавени 10 случаи, од нив 7 се невакцинирани и непотполно вакцинирани;
- од Велес и Прилеп пријавени се по три случаи. Од Велес – две се невакциниран и еден вакциниран со две дози. Од Прилеп – еден е невакциниран и две вакцинирани со две дози;
- по еден случај е пријавен и од Гостивар (невакциниран), од Крива Паланка (непотполно вакциниран), од Струмица (невакциниран) и од Охрид (комплетно вакциниран).
Вкупно, од почетокот на епидемијата во Скопје во декември 2018 заклучно со 12.04.2019, во Република Северна Македонија се регистрирани 961 случаи на мали сипаници, од нив 682 се епидемиолошки поврзани и пријавени во епидемијата во Скопје.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 20 градови од Македонија, од нив 613 случаи од Скопје, 93 од Куманово, 79 од Тетово, 50 од Струга, 31 од Кичево, 18 од Гевгелија, 17 од Дебар, по 16 од Гостивар и Велес, 6 се во Прилеп, по 4 случаи има во Кочани и во Штип, a во останатите 8 градови се регистрираат спорадични случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Скопје (99,2/100.000), Струга (73,7/100.000), Куманово (65,2/100.00) и Дебар (61,3/100.000) (Графикон 1).
Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во шест здравствени региони (Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга).
Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години, 412 или 42,9% од вкупниот број. Висок процент на заболени се регистрира и кај возрасната група од 0-4 години со 34,4% од вкупниот број на заболени (n=331).
Од вкупно 166 заболени деца на возраст од 1-4 години, 150 или 90,4% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 545 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 67,5% (n=368) се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од вкупно регистрираните 961 случаи на мали сипаници, најголем број – 398 или 41,4% се лабораториски потврдени, 257 или 26,7% се епидемиолошки поврзани, додека 306 случаи (31,8%) се со клиничка слика на мали сипаници.
Од почетокот на епидемијата, во Скопје, вкупниот број на вакцинирани лица до 14- годишна возраст кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 11.919 деца. Во останатиот дел од републиката, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст со прва или втора доза, изнесува 7.542 деца.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 19.461.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје