Краток преглед на епидемиолошката состојба со мали сипаници во Македонија
Во периодот од 02.03-08.03.2019, пријавени се вкупно 81 случај на мали сипаници (лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска).
Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 45 случаи се од Скопје, при што 73,3% од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Останатите 36 заболени се од 9 други градови во Македонија и тоа:
- од Гевгелија 7 случаи – 6 од нив невакцинирани;
- од Куманово пријавени се 8 случаи, од нив 7 се невакцинирани;
- од Тетово – пријавени 7 нови случаи, од кои 6 лица се невакцинираниили со непотполн вакцинален статус;
- од Струга- 5 случаи, од нив 3 непотполно вакцинирани/со непознат вакцинален статус;
- од Дебар и Велес се пријавени по 3 нови случаи, вкупно 6 од кои 5 лица се непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус; и
- по еден нов случај од Крива Паланка (невакциниран), од Кичево (непознат вакцинален статус) и од Кочани (комплетно вакциниран).
Вкупно, од почетокот на епидемијата во Скопје во декември 2018 заклучно со 08.03.2019, во Република Македонија се регистрирани 493 случаи на мали сипаници, од нив 410 се епидемиолошки поврзани и пријавени во епидемијата во Скопје.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 17 градови од Македонија, од нив 366 случаи од Скопје, 39 се од Тетово, 25 од Куманово, 16 од Гевгелија, 9 од Дебар, 7 од Струга, по 6 од Гостивар и Велес, 5 од Кичево, 4 од Кочани, a во останатите 7 градови се регистрираат спорадични случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Скопје (59,3/100.000) и Гевгелија (46,5/100.000).
Во текот на оваа недела епидемија од мали сипаници пријави и ЦЈЗ Велес – ПЕ Гевгелија, со што активни епидемии на мали сипаници во моментот има во четири здравствени региони (Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија).
Најголем број на случаите се од возрасната група 0-4 години, 220 или 44,6% од вкупниот број. Висок процент на заболени се регистрира и кај повозрасните групи, лицата постари од 30 години учествуваат со 36,9% (n=182)а лицата од 20-29 години со 10,3% (n=51).
Од вкупно 122 заболени деца на возраст од 1-4 години, 105 или 86% се невакцинирани, а од 233 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 70,8% (n=165) се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од вкупно регистрираните 493 случаи на мали сипаници, најголем број и процент – 278 или 56,4% се лабораториски потврдени, 117 или 23,7% се епидемиолошки поврзани, додека 98 случаи (19,9%) се со клиничка слика на мали сипаници.
Од почетокот на епидемијата, во Скопје, вкупниот број на вакцинирани лица до 14 годишна возраст кои подлежат на вакцинација, со прва или втора доза изнесува 9.958 деца. Во останатиот дел од републиката, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14 годишна возраст, со прва или втора доза изнесува 5.193 деца. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во Република Македонија изнесува 15.151.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје