Краток преглед на епидемиолошката состојба со мали сипанициво Македонија
Во периодот од 09.03-15.03.2019, пријавени се вкупно 63 случаи на мали сипаници (лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска).
Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 29 случаи се од Скопје, при што 79,3% од нив се непотполно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Останатите 34 заболени се од 8 други градови во Македонија и тоа:
- од Куманово и од Тетово пријавени се по 11 случаи, 72,7% од нив се невакцинирани;
- од Велес – 4 пријавени случаи – 2 вакцинирани, 2 невакцинирани;
- од Струга – 3 случаи, сите невакцинирани;
- од Гевгелија 2 случаи – еден со непознат статус и еден непотполно вакциниран;
- по еден нов случај од Виница (невакциниран), од Гостивар (непознат вакцинален статус) и од Кратово (невакцинирано, неподлежачко).
Вкупно, од почетокот на епидемијата во Скопје во декември 2018 заклучно со 15.03.2019, во Република Македонија се регистрирани 555 случаи на мали сипаници, од нив 439 се епидемиолошки поврзани и пријавени во епидемијата во Скопје.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 18 градови од Македонија, од нив 394 случаи од Скопје, 50 се од Тетово, 36 од Куманово, 18 од Гевгелија, по 10 случаи има во Струга и Велес, 9 од Дебар, 7 од Гостивар, 5 од Кичево, 4 од Кочани, a во останатите 8 градови се регистрираат спорадични случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Скопје (63,8/100.000) и Гевгелија (52,3/100.000).
Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во четири здравствени региони (Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија).
Најголем број на случаите се од возрасната група 0-4 години, 236 или 42,5% од вкупниот број. Висок процент на заболени се регистрира и кај повозрасните групи, лицата постари од 30 години учествуваат со 37,5% (n=208), а лицата од 20-29 години со 11,9% (n=66).
Од вкупно 129 заболени деца на возраст од 1-4 години, 117 или 90,7% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 274 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 71,9% (n=197) се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од вкупно регистрираните 555 случаи на мали сипаници, најголем број и процент – 303 или 54,6% се лабораториски потврдени, 135 или 24,3% се епидемиолошки поврзани, додека 117 случаи (21,1%) се со клиничка слика на мали сипаници.
Од почетокот на епидемијата, во Скопје, вкупниот број на вакцинирани лица до 14- годишна возраст кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 10.516 деца. Во останатиот дел од републиката, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст со прва или втора доза, изнесува 5.648 деца.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 16.164.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје