Неделни податоци
Во текот на 17-та недела од 2022 година (25.04-01.05.2022), во Република Северна Македонија пријавени се 4 (I=0,19/100.000) случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, за 4 повеќе во споредба со минатата недела.
Пријавените случаи се од три ЦЈЗ/ПЕ: Струмица (2), Скопје (1) и Битола (1). По два случаи се од возрасните групи од 5-14 и од 15-64 години.
Во вирусолошката лабораторија при ИЈЗ РСМ, тестирани се 306 материјали, од кои два позитивни – Influenza A несубтипизирани.
Во 17-та недела од минатата сезона беа пријавени 22 лица, а за истата недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последни 10 сезони) бројот на просечно заболени бил 45.
Кумулативни податоци
Во сезоната 2021/2022 вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 3.683 (I=178,0/100.000).
Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=1.038), бројот на пријавени случаи е зголемен за 2,9 пати, а во однос на моделот од последните 10 сезони (n=26.233) се регистрира намалување од 86,0%.
Кумулативно, заболените се пријавени од дваесет и два ЦЈЗ/ПЕ. Најголем број на заболени лица (n=991) и највисока кумулативна инциденца (3.515,4/100.000) е регистрирана на територијата на ПЕ Дебар.
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 2.116 случаи (57,5%), а највисока инциденца (535,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години (n=557).
ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР
Од почетокот на сезоната 2021/2022, заклучно со 17-та недела од 2022, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 11.002 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип, од рутинскиот и сентинел САРИ надзорот. Регистрирани се 319 позитивни случаи, 155 Influenza A/H3, 163 Influenza A несубтипизиран и еден Influenza B. (Графикон 2)
Регистрирани се 9 инфекции со грип и КОВИД-19 истовремено.
ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР
Се регистрира мал број на заболувања слични на грип, а сезонава инциденцата е континуирано под неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат позитивност од 0,7%. Согласно овие податоци, Р.С. Македонија има низок интензитет на активноста на вирусот на грип, без географска распространетост.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Заклучно со 17-та недела, во Р.С. Македонија, вакцинирани се вкупно 49.366 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 16-та недела 2022 година за активноста на вирусот на грип низ Европскиот регион:
- Во единаесет земји се регистрира широка распространетост на грипот.
- 20% од сите примероци од примарната здравствена заштита од пациенти со ИЛИ или АРИ симптоми биле позитивни на вирусот на инфлуенца, во последните шест недели.
- Десет земји, во западно-централниот дел на Европа, пријавија активност на грип над 30%: Полска (67%), Холандија (63%), Франција (45%), Естонија (44%), Луксембург (33%), Данска (30%) и Италија (30%).
- Вирусите на грип тип А и Б се детектирани со доминација на Influenza А(H3) во сите системи за надзор и во скоро сите САРИ случаи.
Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, 18 земји се на базично ниво, 14 се со низок, 6 со среден, една со многу висок (Естонија) интензитет.
Според географската раширеност, 7 земји немаат активност, 13 пријавуваат спорадични случаи, 6 со локална раширеност, 3 земји – регионална и 11 – широка географска раширеност.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје