higiena race

 Спасете живот!

Чистете ги рацете и спречете го ширењето на бактериите отпорни на антибиотици!

Без акција денес, нема да има лек утре

 

Хигиената на рацете е едноставно и ефективно решение на намалување на ширењето на инфекции и мултирезистентни бактерии и заштита на пациентите од интрахоспитални инфекции. Секој здравствен работник како и секое лице кое е директно или индиректо вклучено во грижата за болните, мора да обрнува внимание на хигиената на рацете и правилно да ја практикува.

Ова е пораката на Глобалниот ден за хигиена на рацете: СПАСЕТЕ ЖИВОТ, Чистете ги рацете.

5 мај оваа година ќе се одбележи со доставување на промотивни материјали – постери до здравствените установи, со цел доближување на активностите до здравствените работници. Активностите за одбележување на овој ден и изработка на постерите се дел од долгогодишната соработка на Министерство за здравство – Мултисекторска комисија за антимикробна резистенција и канцеларијата на СЗО во земјата, а со поддршка на Регионалната канцеларија на СЗО во Европа, и во соработка со Институтот за јавно здравје на Република Македонија и ЦРИС Студиорум.

 

Податоци за проблемот на хигиена на рацете

Од 2010 година Светската Здравствена Организација (СЗО) во рамките на Првиот Глобален Предизвик за Безбедност на Пациентите “Чиста нега е Безбедна нега” го воспостави одбележувањето на 5 мај како СЗО Ден за Хигиена на рацете: СПАСЕТЕ ЖИВОТ, Чистете ги рацете.

Секоја година стотици милиони лица во светот се соочуваат со интрахоспитални инфекции. Насекаде во светот, секојдневно умираат илјадници луѓе од инфекции стекнати за време на добивање на здравствена нега. Особено опасни се интрахоспиталните инфекции кои се предизвикани од мултирезистентни микроорганизми. Непотребната и зголемена употреба на антибиотици, особено на тие со широк спектар на делување, доведува до развивање на резистенција (отпорност) на бактериите кон антибиотиците и намалување на нивната моќ да делуваат тогаш кога се најпотребни. Ширењето на мултирезистентните микроорганизми во здравствените институции е често и најчесто се одвива преку нечисти раце на здравствените работници, пациентите и посетителите; нечиста опрема и од околината на пациентите. Рацете се најсериозниот начин на пренесување на микроорганизмите за време на здравствената нега. Последица на тоа се: сериозни инфекции, особено кај критично болните пациенти; продолжени болнички денови; долготраен инвалидитет; финансиско оптоварување на пациентите и нивните семејства; финансиско оптоварување на здравствениот систем, и најважно од се – загуба на човечки животи.

Затоа имплементирањето на стандардни мерки на внимателност постојано и за сите пациенти, е клучен фактор во превенција на ширењето на сите микроорганизми, особено на мултирезистентните. Хигиената на рацете е една од клучните стандардни мерки на внимателност. Повеќето интрахоспитални инфекции можат да се спречат со добра и правилна  хигиена на рацете – чистење на рацете во вистинско време и на вистински начин. Секое ниво на подобрување на хигиената на рацете е поврзано со 24% намалување на ризикот од интрахоспитални инфекции.

Секој здравствен работник,  како и секое лице кое е директно или индиректно вклучено во грижата за болните, мора да обрнува внимание на хигиената на рацете и правилно да ја практикува.

Одбележување на 5 Мај 2017 година во Република Македонија

Република Македонија го одбележува Светскиот Ден за Хигиена на рацете од 2014 година и ги поврзува активностите за правилна хигиена на рацете со намалување на инфекциитево болниците и заедницата, намалување на употребата на антибиотици и со последователен ефект во  намалување на натимикробната резистенција.

Оваа година се подготвени едукативни постери за правилна хигиена на рацете при различни медицински постапки. Постерите се дистрибуирани до сите болници во Република Македнија. Со следење на чекорите за хигиена на рацете при специфични медицински постапки ќе се овозможи намалување на болничките инфекции во Република Македонија.

Само со заедничко придржување на здравствените работници, пациентите и целото население кон хигиената на рацете, со зајакнување на свеста за значењето на оваа мерка, како и со постојана промена на однесувањето на луѓето, може да се спречат непотребните страдања на пациентите, непотребните здравствени трошоци и да се спасат многу животи.

 

Дополнителни информации:

Во насока на поддршка на промоцијата на хигиената на рацете и подобрување на услугите на здравствените институции насекаде во светот, СЗО го издаде Водичот за хигиена на рацете во здравствени институции. Истакнати се 5-те моменти кога хигиената на рацете мора да се изврши независно дали се користат ракавици за еднократна употреба или не, а тоа се:

Момент 1. Пред контакт со пациентот

Момент 2. Пред извршување чисти/асептички постапки

Момент 3. По ризик од изложеност на телесни течности

Момент 4. По контакт со пациентот

Момент 5. По контакт со околината на пациентот

 

Како?

Со чистење на рацете со триење со дезинфициенс за раце на база на алкохол. Тоа е брз и ефективен начин на чистење на рацете кои не се видливо валкани, и рацете добро го толерираат. Кога рацете се видливо нечисти, особено со крв или други телесни течности, или по користење на тоалет, треба да се измијат со сапун и вода.

Особено важна е големата улога на пациентите и нивните посетители во процесот на стопирање на ширењето на инфекциите во болниците со придржување кон хигиената на своите раце:

  • Пред да ги допираат своите повредени места или места каде е аплицирана терапија
  • После контакт со други пациенти или посетители
  • После користење на тоалет.

Пациентите заедно со здравствените работници можат да ја подобрат негата на тој начин што љубезно ќе го прашаат здравствениот работник дали ги исчистил своите раце пред да им ја пружи потребната здравствена нега.

Населението треба да ги спречи инфекциите со редовно чистење на своите раце во својот дом, на своето работно место, на училиште и др.

 

постер 1 –  Хигиена на рацете при нега на пациент со централен венски катетер

постер 2 – Хигиена на рацете при нега на пациент со периферен венски катетер

постер 3 – Хигиена на рацете при нега на пациент со уринарен катетер

постер 4 – Хигиена на рацете при нега на пациент со ендотрахеален тубус

постер 5 – Хигиена на рацете и патот на еден хируршки пациент

постер 6-Хигиена на рацете при нега на пациент со постоперативна рана