Секоја година Обединетите Нации објавуваат тема која што го одбележува 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Оваа 2016 година таа тема гласи: “Постигнување на 17 цели за иднина која ја сакаме” и го насочува вниманието кон 17-те цели за одржлив развој и како тие цели може да креираат поинклузивен и правичен свет за лицата со посебни потреби.
Овогодинешната тема обезбедува рамка за да се утврди како лицата со посебни потреби се исклучени од општеството преку промоција на отстранување на сите видови на бариери, вклучувајќи ги оние кои се поврзани со физичката средина, информации и комуникациска технологија (ИКТ) или ставовите создадени од некои бариери.
Денот има за цел да промовира подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на правата на лицата со посебни потреби и придобивки кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот на нивните заедници. Овој ден се одбележува уште од 1992 година кога Генералното собрание на Обединетите Нации го прогласи 3 Декември за Меѓународен ден на лицата со посебни потреби и се одбележува насекаде низ светот.
Денес се смета дека најмалку 10% од светската популација или 650 милиони луѓе живеат со попреченост. Овој број во неразвиените и земјите во развој е значително поголем за разлика од развиените и побогати земји. Околу 20% од сиромашните луѓе во светот се лица со посебни потреби. Во многу земји со ниски и средни приходи, само 5-15% од луѓето со посебни потреби, кои бараат асистивни уреди и технологии, имаат пристап до нив. Статистиката вели дека процентот на деца со посебни потреби кои не посетуваат училиште е крајно променлив и е помеѓу 65 – 85% во некои африкански земји.
Сепак, секоја држава се труди да им помогне на овие лица со посебни потреби со цел полесно пробивање низ животот. Во Република Македонија се проценува дека 10% или околу 200 000 жители се лица со инвалидитет.
Државата креира мерки и решенија за нивно полесно вклучување во социјалната средина и полесно извршување на сите активности. Областите во кои се работи се образованието, вработувањето, домувањето, социјалната заштита на лицата со посебни потреби, но посебно треба да се истакне здравствената заштита бидејќи таа им е и најпотребна на овие лица во полесно совладување на здравствените потешкотии. Современите медицински и други науки може многу да помогнат на овие лица за да ги развијат своите преостанати потенцијали и способности и да постанат активни членови на општеството.
Во Република Македонија видот и степенот на пречките во физичкиот или психичкиот развој се уредува со Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој и според него се категоризираат лица со пречки во физичкиот или психичкиот развој. За обезбедување на услови за нивно вклучување во општествениот живот државата обезбедува посебна заштита. Формата на заштита е определена со Законот за социјална заштита, Законот за здравствена заштита, Законот за евиденции во областа на здравството, а донесени се и Закон за употреба на гласовниот јазик, како и Закон за инвалидски организации. Во законската регилатива на Р.Македонија која што ги штити правата на лицата со посебни потреби, се и Законот за работни односи и Законот за вработување на инвалидни лица.
Нашата држава постојано инвестира во конкретни програми за овие лица и го промовира пристапот до услугите. Но, кога се креираат овие политики и програми треба да се обезбеди активно вклучување на лицата со посебни потреби бидејќи од нив најдобро можеме да осознаеме кои се нивните реални потреби.
Овие програми и активности треба да се издржани, постојано да се работи на подобрување на здравствената заштита кога станува збор за лицата со посебни потреби, да се работи на инклузивно образование кое ќе ги вклучи и децата со посебни потреби, да им се овозможи на овие лица со пречки во развојот кои можат да работат, да се отворат повеќе работни задруги, да им се обезбеди соодветна обука на тие лица доколку е потребна.
Сите граѓани треба да помагаат во вклучувањето на лицата со посебни потреби во секојневниот живот, без разлика дали е тоа највисок степен на здравствена заштита или помош на лице со хендикеп за да ја премине улицата, да се качи во автобус и слично.
Со залагање на секој граѓанин на Република Македонија, а посебно на Владата и нејзините институции, може да се придонесе лицата со посебни потреби и во нашата држава да имаат достоинствен и полноправен живот. Освен државата, и невладините организации работат со полна пареа во олеснувањето на животот на лицата со посебни потреби. Само со заеднички сили ќе успееме да ја направиме земјата поубаво место за живеење на овие лица.
Користена литература:
- International day of people with disabilities. Достапно на: http://www.idpwd.com.au/
- Making the MDGs inclusive: empowerment of persons with disabilities in their communities–World Health Organization. Достапно на: http://www.who.int/disabilities/media/events/idpdinfo031209/en/
- Упатство за проценка на поврзаноста на состојбата на инвалидитет и животната и работната средина на лицата со посебни потреби. Институт за јавно здравје на Република Македонија. Достапно на: http://www.iph.mk/upatstvo-za-procenka-na-povrzanosta-na-sostojbata-na-invaliditet-i-zivotnata-i-rabotnata-sredina-na-licata-so-posebni-potrebi/
Подготвил:
Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести