Денес, светската популација е над 7 милијарди луѓе и повеќе од една милијарда луѓе или приближно 15% од светската популација, живеат со некоја форма на попреченост.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост е ден кој што Обединетите нации (ОН) го слават секоја година на 3 декември. Годишното одбележување на овој ден за прв пат беше прогласено во 1992 година со резолуција 47/3 на Генералното собрание на Обединетите нации.

 

Овој ден е за промовирање на правата и благосостојбата на лицата со попреченост на секое ниво на општеството и развојот, како и за подигање на општата свест за состојбата на лицата со попреченост во сите аспекти на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот. Со одбележување на овој ден секоја година, се зајакнува важноста од обезбедувањето на правата на лицата со попреченост за да можат целосно, еднакво и ефективно да учествуваат во општеството и да не се соочуваат со бариери во сите аспекти од нивниот живот.

 

На 3 декември оваа година, за време на годишната прослава на лицата со попреченост, темата за 2021 година е „Лидерство и учество на лицата со попреченост кон инклузивен, достапен и одржлив пост-Ковид-19 свет “.

Од март 2020 година, секој човек на земјата е под влијание на драстични политички, социјални и економски промени како резултат на домашните и меѓународните одговори на Ковид-19 пандемијата.

 

Оваа година, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби треба да се искористи за да се признае дека луѓето кои живеат со попреченост се меѓу најпогодените популации во услови на пандемија. Онаму каде што маргинализацијата, дискриминацијата, ранливоста и експлоатацијата се секојдневие за многу луѓе, ризикот од лоши резултати е зголемен со намалениот пристап до рутинска здравствена заштита и услуги за рехабилитација, поизразена социјална изолација, лошо прилагодени пораки за јавно здравје, несоодветно конструирани услуги за ментално здравје и недостаток на подготвеност за итни случаи за лицата со попреченост.

 

Се упатува апел до домашните и меѓународните јавно-здравствени претставници, политичките претставници, застапниците, поддржувачите и секој граѓанин во секоја заедница, да учат од искуствата на луѓето кои живеат со попреченост за време на оваа пандемија и да се заложат за позначајни социо-економски инвестиции со кои ќе се намалат бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост во секоја заедница на земјата.

 

Секој кој што сака може да се приклучи на социјалните мрежи со користење на хаштагови #IDPD | # EveryoneIncluded | # CRPD и промовирање на овогодинешната тема „Лидерство и учество на лицата со попреченост кон инклузивен, достапен и одржлив пост-Ковид-19 свет “.

Во нашата држава е креирана Е-платформа ranaintervencija.mk  како дел од проектот „Грижа во заедницата за деца со попреченост и нивните семејства“, во имплементација на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од УНИЦЕФ.

 

Платформата е наменета за родители и старатели на деца со задоцнување во развојот и на деца со попреченост на возраст од 0 до 6 години и има за цел да им помогне на родителите и старателите да ги разберат клучните развојни показатели во раното детство; да ги препознаат првите знаци на доцнење во развојот и да го стимулираат развојот на детето преку игра и вежби. Исто така, таа нуди лесен пристап до индивидуализирани стручни насоки и интервенции, вклучувајќи опција родителите да достават онлајн-барање според кое стручни лица од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори ќе извршат проценка на индивидуалните потреби на детето и ќе изработат индивидуален план за развој. Со оваа опција, на родителите, без оглед каде живеат, им се дава пристап до прилагодена и специјализирана поддршка и насоки за стимулирање на вештините, способностите и умешноста на нивното дете. Потребата од онлајн услуги за рана интервенција беше препознаена како одговор на пандемијата со Ковид-19 која наруши некои од основните услуги за поддршка на децата со попреченост, ставајќи го товарот врз родителите и старателите. Е-платформата е достапна на македонски и на албански јазик на http://www.ranaintervencija.mk .

 

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести