Светската кардиолошка федерација оваа година под мотото “ДАЈТЕ МУ СИЛА НА ВАШИОТ ЖИВОТ“ го одбележува 29 Септември – Светскиот ден на срцето.
Институтот за јавно здравје на РМ ќе го одбележи настанот со музички хепенинг на плоштадот Делфина во населбата Влае во соработка со општина Карпош, во четврток од 11 до 13 часот.
Годинава нема бесплатни превентивни прегледи за граѓаните, но затоа ќе има промотивен материјал со насоки и совети за тоа како треба да се грижиме за здравјето. Како да му дадеме енергија на срцето, како да го движиме и како да го сакаме срцето. Како и секоја година превентивците од Институтот за јавно здравје апелираат:
РЕДОВНА ПОСЕТА НА ИЗБРАНИОТ ЛЕКАР!
Редовната посета на избраниот лекар и примената на превентивните совети и препораки се единствениот начин за намалување на ризиците од кардиоваскуларните болести и превенција на последиците од нив.
Секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23.6 милиони луѓе ќе умрат од овие заболувања. Ова се проектирани бројки од Светската здравствена организација (СЗО), при што се очекува КВБ да останат водечка причина за смрт во светот.
Во Република Македонија во 2015 година од болести на циркулаторниот систем починале 11939 лица
Проценките покажуваат дека најмалку 80% од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се спречат, со РЕДОВНА ПОСЕТА НА ИЗБРАНИОТ ЛЕКАР.
Стапката на морталитет од циркулаторни заболувања во вкупното население во Македонија во периодот 2010-2015 и понатаму има тренд на пораст.
Поаѓајќи од фактот дека постои можност 80% од срцеви заболувања да се спречат, Република Македонија спроведува мерки засновани на докази со цел да се превенраат факторите на ризик како што е употребата на тутун, нездрава исхрана, физичката неактивност и штетната употреба на алкохол, навремено препознавање на КВБ, подобрување во лекувањето на секундарно и терциерно ниво, зајакнувајќи го здравствениот систем со кадар, опрема, реконструкција на стари и изградба на нови болнички капацитети и други мерки. Основната цел е да одговори на се поголемото оптоварување на населението со кардиоваскуларни болести и намалување на инвалидитетот и смртноста од овие заболувања.
Институтот за јавно здравје, 10-те Центри за јавно здравје и здравствените домови активно работат на спроведување на кампањи, едукација во училиштата, здравствените установи, и други средини, изработка и дистрибуција на здравствено-едукативен материјал, организирање на акции за бесплатни превентивни прегледи пред се, во рурални средини.
Целта е ДА СЕ ПОДИГНЕ СВЕСТА КАЈ ГРАЃАНИТЕ ЗА ГРИЖА ЗА ЗДРАВЈЕТО!
Еден дел од средствата што Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги исплаќа на избраните лекари се наменети за спроведување на превентивните мерки и активности.
РИЗИК ФАКТОРИ:
- Високиот крвен притисок е број еден ризик фактор за КВБ. Се вика тивок убиец затоа што нема предупредувачки сигнали или симптоми и многу луѓе не знаат дека го имаат.
- Високото ниво на шеќер во крвта може да биде показател за шеќерна болест. Кардиоваскуларните болести (КВБ) се причинители на смрт во 60% од сите смртни случаи на луѓе кои имале дијабетес. Ако не се дијагностицира и лекува навремено, дијабетесот го зголемува ризикот за срцеви болести и инфаркт.
- Холестеролот се поврзува со смртта на 4 милиони луѓе годишно, затоа посетете доктор и побарајте да го измери Вашето ниво на холестерол во крвта и вашиот ИТТ.
Докторот ќе Ви даде совет како да го намалите ризикот од кардиоваскуларни болести, и како да го подобрите здравјето!