Секоја година, Светската здравствена организација (СЗО) го одбележува 28-ми јули како Светски ден на хепатитисот со цел да ја зголеми свесноста и јавно-здравственото значење на вирусните хепатити, особено на хепатитот Б и Ц. Светскиот ден на хепатитисот започнува да се одбелжува на овој датум, од 2010 година, во чест на роденденот на нобеловецот Барух Самуел Блумберг – американски научник заслужен за откривање на вирусот на хепатитис Б (HBV) и за развој на вакцина против овој вирус.
Седмиот Светски ден на хепатитисот, на 28 јули 2017 година, се одбележува под мотото “Елиминирање на хепатитисот”, како што е предвидено во првата “Глобална стратегија на здравствениот сектор за вирусниот хепатитис 2016-2021″ и е вклучено како крајна цел за вирусниот хепатитис во агендата за Одржлив развој – 2030, на СЗО.
Елиминација на хепатитот може да се постигне преку зголемување на јавната свест, едукација и информации, тестирање и навремено дијагностицирање, соодветен третман, вакцинација против хепатитис Б согласно рутинските Програми за имунизација, обезбедување на контролирана крв и крвни деривати за безбедна трансфузија и со превенција на ризична употреба на дрога. Секоја активност насочена кон спречување, превенција и третман на хепатитисот значи приближување кон целта за негова елиминација. Фактот дека постои ефикасна и достапна вакцина против вирусот на хепатитит Б со која успешно може да се превенира ова заболување, и употребата на најнова генерација на лекови со кои успешно се лекува хроничниот хепатитис Ц, даваат силна надеж дека целта за елиминација на хепитатитот може да биде исполнета во иднина.
Видови на хепатитис
Вирусниот хепатитис претставува акутно или хронично воспаление на црниот дроб предизвикано од пет вируси на хепатитис: А, Б, Ц, Д и Е, кои се разликуваат според начинот на пренесување, популацијата која најчесто ја зафаќаат и според исходот на заболувањето.
Хепатитис А е акутно инфективно заболување на црниот дроб предизвикано од вирусот на хепатитис А (HAV) кое се пренесува по фекално-орален пат. Најчесто поминува асимптоматски или има блага симптоматологија, посебно кај децата под петгодишна возраст, а сериозноста на заболувањето се зголемува со возраста. Хепатитис А не предизвикува хронично заболување на црниот дроб и има ниска стапката на смртност (0,1-0,3%). Хепатитис А може да се превенира преку подобрување на санитарно-хигиенските услови, обезбедување на безбедна храна и вода за пиење и со вакцинација. Достапна е безбедна и ефикасна вакцина. Прележување на болеста пружа доживотен имунитет.
Хепатитис Б е заболување на црниот дроб, кое е резултат на инфекција со вирусот на хепатитис Б (HBV). Може да се пренесе преку контакт со инфицирана крв и други телесни течности, преку инјектирање дрога, користење на нестерилен медицински прибор и преку незаштитен сексуален контакт.
Инфицираната мајка може да ја пренесе инфекцијата на своето дете за време на породувањето. Симптомите во голема мера може да варираат, а многу од оние кои се заразени никогаш не развиваат симптоми.
Вирусот на хепатитис Б може да предизвика и акутна и хронична инфекција, а болеста може да варира од лесна форма која трае неколку недели до сериозна, хронична болест. Оние што што ќе развијат со хронична инфекција (од > 30% кај децата до <5% кај возрасните) имаат поголем ризик од сериозни последици: цироза на црниот дроб (25%) и рак (5%). Истотака, тие може да бидат резервоар за понатамошно пренесување на болеста.
Достапни се ефикасни вакцини кои нудат високо ниво на заштита и претставуваат најефективен начин за спречување на хепатитис Б. СЗО препорачува сите новороденчиња да добијат вакцина против хепатитис Б што е можно поскоро по раѓањето, по што следат 2-3 дополнителни дози. Во многу делови од светот, широко распространетите програми за вакцинација на доенчињата доведоа до драматичен пад на нови случаи на хепатитис Б.
И во Република Македонија, вакцината против хепатитис Б е воведена во Календарот на имунизација како задолжителна вакцинација од 2004 година. Со вакцинација се опфаќаат сите новороденчиња, а вакцинацијата се спроведува со давање на три дози вакцина против хепатитис Б.
Хепатитис Ц се шири преку контакт со крв на заразено лице. Инфекцијата може да се настане преку инјектирање на дрога и небезбедни медицински инјекции и други медицински процедури. Преносот на хепатит Ц од мајка на дете е исто така можен. Хепатитис Ц може да предизвика акутни и хронични инфекции, но повеќето луѓе кои се заразени развиваат хронична инфекција. Значителен број на оние кои се хронично инфицирани ќе развијат цироза на црниот дроб или рак на црниот дроб. Со новите третмани, над 90% од луѓето со хепатитис Ц може да се излечат во рок од 2-3 месеци, со што се намалува ризикот од смрт од рак на црниот дроб и од цироза. Во моментов нема вакцина за хепатитис Ц, а истражувањата во оваа област се во тек.
Хепатитис Д се пренесува преку контакт со заразена крв. Од Хепатитис Д може да заболат само лица кои се веќе заразени со вирусот на хепатитис Б. Луѓето кои не се заразени со хепатитис Б, можат да го спречат заболувањето од хепатитис Д, со вакцинирање против хепатит Б.
Хепатитис Е фекално-орална инфекција како и хепатитот А, и се шири главно преку контаминирана вода за пиење. Хепатитисот Е вообичаено поминува за 4-6 недели, па затоа нема специфичен третман. Сепак, бремените жени инфицирани со хепатитис Е имаат значаен ризик на смртност од оваа инфекција. Иако хепатитис Е е широко распространет во светот, бројот на инфекции е највисок во источна и јужна Азија. Подобрување на санитарно-хигиенските услови и безбедноста на храната може да помогнат во спречување на нови случаи на хепатитис Е. Постои вакцината за спречување на хепатит Е лиценцирана во Кина, но сè уште не е достапна на друго место.
Хепатитиси во светот и во Р. Македонија
Согласно податоците на СЗО, во 2015 година во светот заболеле 325 милиони луѓе, а 1,34 милиони луѓе починале од вирусните хепатитиси, број близок до бројот на смртни случаи на туберкулоза и број кој ги надминува смртните случаи поврзани со ХИВ. Се проценува дека 257 милиони луѓе живеат со хепатитис Б и 71 милион луѓе живеат со хепатитис Ц – двата главни убијци од петте видови хепатитис.
Вирусниот хепатит тип А во Р. Македонија во 2016 година е регистриран со 20 заболени со инциденца од 1,0 на 100.000 жители, што претставува намалување од 87,3% споредено со претходната година кога беа регистрирани 157 случаи и инциденца од 7,6/100.000. Во претходниот десетгодишен период, најниска инциденца е регистрирана во 2013 (4,9/100.000), а највисока во 2014 година (28,2/100.000). Во изминатиот десетгодишен период се бележи тренд на опаѓање на ова заболување (Графикон 1).
Заклучно со месец јуни 2017 година регистрирани се вкупно 11 нови случаи на хепатитис А.
Графикон 1. Инциденца на 100.000 жители од хепатитис А, период 2006-2015 и 2016
Вирусниот хепатит Б во 2016 е регистриран со 104 заболени (I=5,0/100.000), што е намалување од 29,7% во однос на пријавените 148 случаи во 2015 година. Инциденцата во 2016 година е помала за 41,2% во однос на просекот за периодот 2006-2015 кога инциденцата се движи од 7,2 во 2015 година до 10,5 на 100.000 жители во 2007 година. Во периодот 2006-2016 регистрирани се вкупно 10 смртни случаи од Хепатитис Б (Табела 1).
Во текот на 2017 (заклучно со месец јуни) регистриран е 41 случај на инфекција со хепатитис Б.
Табела 1. Број на заболени/умрени и инциденца на 100.000 жители од Хепатитис Б, период 2006-2015 и 2016
Година | 2006 | 2007 | 2008 | 2009 | 2010 | 2011 | 2012 | 2013 | 2014 | 2015 | 2016 |
Заболени/ умрени | 197/3 | 215/3 | 193/1 | 165 | 153 | 154/1 | 184 | 165 | 171/1 | 148 | 104/1 |
I/100.000 | 9,7 | 10,5 | 9,5 | 8,1 | 7,5 | 7,5 | 9,0 | 8,0 | 8,3 | 7,2 | 5,0 |
Вирусниот хепатитис Ц во Р. Македонија во 2016 година е регистриран со 45 случаи (I=2,2/100.000), што претставува намалување од 25,0% во споредба со регистрираните 60 заболени (I=2,9/100.000) во претходната година.
Регистрираната инциденца од хепатит Ц во 2016 е пониска за 52,2% од просекот за претходниот десетгодишен период од 2006-2015 кога инциденцата на 100.000 жители се движи од 2,9 во 2015 до 8,1 во 2012 година, или просечно 4,6/100.000. Во периодот од 2006-2016 регистрирани се два смртни случаи во 2012 и 2016 (Табела 2). Заклучно со јуни 2017 евидентирани се 13 нови случаи на хепатитис Ц.
Табела 2. Број на заболени/умрени и инциденца на 100.000 жители од Хепатитис Ц, период 2006-2015 и 2016
Година | 2006 | 2007 | 2008 | 2009 | 2010 | 2011 | 2012 | 2013 | 2014 | 2015 | 2016 |
Заболени/ умрени | 145 | 11 | 99 | 83 | 72 | 76 | 166 | 70/1 | 63 | 60 | 45/1 |
I/100.000 | 7,1 | 5,4 | 4,8 | 4,1 | 3,5 | 3,7 | 8,1 | 3,4 | 3,0 | 2,9 | 2,2 |
ПРЕВЕНЦИЈА НА ВИРУСНИТЕ ХЕПАТИТИ
Мерките за заштита од заразните жолтици кои се пренесуваат по фекално-орален пат – хепатит А и Е, се слични со мерките за заштита против сите заболувања кои се со фекално-орален начин на пренесување и се насочени кон: одржување на личната хигиена (миење на раце) и колективната хигиена, правилна диспозиција на фекалниот отпад и отпадните води, обезбедување на хигиенски исправна вода за пиење, санитарен надзор над прехрамбените продукти и сл. Вакцинацијата против заразна жолтица А сéуште нема широка примена и во нашата земја не се спроведува рутински.
Општите мерки за намалување на ризикот од пренесување на хепатит Б, Ц и Д се однесуваат на:
- правилна стерилизација на медицински инструменти;
- користење на инструменти за еднократна употреба при инвазивни медицински методи за дијагностика и терапија, тетоважа, пирсинг, акупунктура и сл;
- задолжително тестирање на даватели на крв и органи и ткива;
- користење на заштитна опрема од страна на медицинскиот персонал (ракавици, маски, очила, облека) и континуирана едукација;
- здравствено просветување на населението, особено на ризичните групи и едукација за начините на пренесување на инфекцијата – безбедно сексуално однесување, безбедно инјектирање на дроги;
За хепатит Б најдобра и најефикасна мерка на заштита е вакцинацијата против ова заболување. Не постои вакцина против Хепатит Ц.
За луѓето инфицирани со вирусот на хепатитис Ц, СЗО препорачува
едукација и советување за опциите за нега и третман; имунизација со хепатит А и Б вакцини за спречување коинфекција; ран и соодветен медицински третман, вклучувајќи антивирусна терапија, доколку е соодветно, и редовно следење за рана дијагноза на хронична болест на црниот дроб.