Зошто се одбележува овој ден?
Светскиот ден на миграции- 18 декември е воспоставен во 2000 година од страна на Обединетите нации, поради се поголемиот број на мигранти во светот.
Во 1990 година на 18 декември, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвоило Меѓународната конвенција за заштита на правата на мигрантите и нивните семејства.
На генералното собрание на ООН одржано на 19.09.2016 е донесена Декларација за бегалци и мигранти (Њуоршка декларација).[1] Таа го нагласува значењето на меѓународната заштита и напорите на земјите членки во зајакнувањето и унапредувањето на механизмите за заштита на луѓето кои мигрираат.
Организацијата на обединетите нации (ООН) ги повикува државите членки на овој ден се зборува за човечките права и фундаменталната политичка слобода на мигрантите, да се разменуваат искуства и да се креираат активности за заштита на мигрантите.
Колку луѓе во светот се расселуват?
Според податоците на УНХЦР, 65,3 милиони луѓе во светот биле принудени да ги напуштат своите домови. Од нив 21,3 милиони се бегалци, од кои половината се на возраст под 18 години. Секојдневно 34.000 лица се расселуваат во светот.
Во светот има 10 милиони лица кои немаат државјанство, без право на обазование, здравствена заштита, вработување и слобода на движење.
39% од расселените лица се во регионот на Среден исток/Северна Африка, 29% во Африка, 14% во Азија/Пацифик, 12% во Америка и 6% во Европа. 53% од бегалците потекнуваат од само 3 држви: Сомалија (11милиони), Авганистан (2,7м) и Сирија (4,9м).[2]
Се смета дека од јануари до почетокот на декември 2016 година во Медитеранското море загинале околу 5000 лица, што е најголем број на жртви досега или 14 лица дневно умирале.[3] Се бара од државите да помогнат во сместувањето на бегалците, спојувањето на членовите на семејството, и образованието на децата бегалци.
Каква е состојбата во Република Македонија?
Поради зголемениот бран на бегалци кои транзитираа низ РМ, на 18 август 2015 година, Владата на РМ прогласи кризна состојба на северната и јужната граница, која се уште трае. Најголемиот број бегалци се од Сирија, Авганистан, Ирак и Пакистан, но имало и од Палестина, Иран, Сомалија, Конго и Бангладеш[4]. Имаше денови кога бројот на бегалци кои транзитираа низ РМ изнесуваше над 10000 лица. Со затворањето на границите кон другите Европски држави значителен број бегалци останаа во РМ. Тие се сместуваа во транзитните центри Винојуг во Гевгелија и на железничката станица во Табановце, Куманово.
Медицинска грижа
Освен базичните потреби, бегалците имаат потреба од здравствена заштита: превенција и лекување, со посебен акцент на репродуктивното здравје, безбедност на храната, пристап до чиста вода, санитација и хигиена. [5]
Медицинската нега во рамките на Транзитните центри во РМ ја обезбедуваат медицинските тимови на Министерството за здравство во соработка со општите болници и здравствените домови, како и Црвениот крст на Република Македонија. Медицинската грижа е помогната и од повеќе меѓународни организации (УНХЦР, УНИЦЕФ, СЗО, ИОМ, Проект Хопе и др.).
Здравствените проблеми на бегалците и мигрантите се слични на оние коишто се присутни кај остатокот од населението. Во летниот период, повеќето од интервенциите беа поврзани со болести на кожата (изгореници/плускавци, алергиски реакции, убоди од инсекти), болки, повреди од оружје, респираторни и гастроинтестинални болести, и хронични заболувања (дијабетес и поретко срцеви заболувања). Со намалувањето на температурата, бројот на респираторни заболувања значително се зголеми, но гастроинтестиналните болести сè уште беа многу чести. Жените мигранти често се соочуваат со посебни предизвици поврзани со здравјето на мајката, новороденчињата и децата, сексуалното и репродуктивното здравје, како и со насилство.[6]
[1] http://www.un.org/ga/search/view_doc.asp?symbol=A/71/L.1
[2] http://www.unhcr.org/figures-at-a-glance.html
[3] http://www.unhcr.org/news/briefing/2016/12/585ce804105/mediterranean-sea-100-people-reported-dead-yesterday-bringing-year-total.html
[4] Редовен меѓу-агенциски оперативен извештај , 04-10 ноември 2015 год., УНХЦР
[5] http://www.unhcr.org/public-health.html
[6] СЗО. Бриф за политики. Скопје, 2015