Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата се одбележува секој 17 октомври од 1987 година, кога на откривањето на споменикот во Париз, во чест на жртвите на екстремната сиромаштија се собрале околу 100.000 луѓе. Целта на одбележувањето на овој датум е да се прошири свеста за потребата од искоренување на сиромаштијата во светот, а особено во земјите во развој.

Денот на борбата против сиромаштијата се одбележува во време кога речиси милијарда луѓе во светот гладуваат и кога е се поголем број на оние кои немаат ни за основните животни потреби. Исто така, се смета дека една четвртина од вкупното население во светот е екстремно сиромашна, бидејќи живеат со еден долар дневно. Загрижувачки е и фактот дека 2,6 милиони деца умираат годишно како резултат на неухранетост, што претставува една третина од сите смртни случаи во светот.

Во 2021 година, Обединетите нации го одбележуваат Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата со тема: „Мултидимензионална сиромаштија и КОВИД-19“. Се нагласува дека пандемијата КОВИД-19 е силен потсетник дека сиромаштијата не се однесува само на приход. Во и низ земјите, сиромашните и маргинализираните заедници се несразмерно погодени од пандемијата во однос на стапката на инфекции, економските загуби и пристапот до вакцини и други императиви за здравствената заштита.

Светската банка проценува дека за прв пат по две децении, екстремната сиромаштија во светот ќе се зголеми поради нарушувањата предизвикани од пандемијата на коронавирус. Кога е Република Северна Македонија во прашање, според податоците на Државниот завод за статистика, 455.600 лица во живеат во тешки услови, што е 21,9% од вкупното население.

Стапката на сиромаштија, според типот на домаќинство, е највисока (45,3%) кај домаќинство на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца. Потоа следи самохран родител со издржувани деца (42,8%) и домаќинства со издржувани деца (26,4%). Неактивните и невработените лица се меѓу најранливите категории и кај нив стапката на сиромаштија е највисока (33,9% и 33,2% соодветно), а најниска кај пензионерите (2,2%).

Стапката на сиромаштија во најбројните, четиричлени домаќинства каде живеат двајца возрасни и две деца изнесува 19,5 проценти, односно секое четврто семејство во оваа категорија е сиромашна. Анализирано според полот, жените се многу повеќе погодени од мажите, па така во сиромаштија живеат 22,5% жени и 21,4% мажи.

Најмала стапка на сиромаштија има во категоријата самечки домаќинства (еден возрасен член на возраст од 65 години и повеќе) и таа изнесува 3,2 %, а стапка на сиромаштија под 10 % имаат и самците.

 

Да не дозволиме пандемијата предизвикана од КОВИД -19, да придонесе за продлабочување на социјалните нееднаквости!

 

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести