14 јуни – Светски ден на крводарителство

„Дај крв и одржувај го светот“

krv

 

Светскиот ден на крводарителство се одржува на 14 јуни секоја година. Целта на оваа кампања е да се подигне глобалната свест за потребата од безбедна крв и крвни производи за трансфузија и за критичниот придонес за доброволни, неплатени крводарители во националните здравствени системи. Денот, исто така  дава можност да се повикаат на акција владите и националните здравствени органи, за да обезбедат соодветни ресурси и да воспостават системи и инфраструктури за зголемување на собирањето крв од доброволни, неплатени дарители на крв.

Безбедна крв и крвни производи и нивна трансфузија се критичен аспект на здравствената нега и јавното здравје. Тие спасуваат милиони животи и го подобруваат здравјето и квалитетот на животот на многу пациенти секој ден. Потребата за крв е универзална, но пристапот до крв на сите оние на кои им е потребна не е. Недостаток на крв е особено акутен во земјите во развој.

 

За да им се обезбеди на сите што имаат потреба од безбедна крв и пристап кон неа, сите земји имаат потреба од доброволни, неплатени донатори кои редовно даваат крв. Во текот на пандемијата со КОВИД-19, и покрај ограничената подвижност и другите предизвици, дарителите на крв во многу земји продолжија да донираат крв и плазма на пациенти на кои им е потребна трансфузија. Овој извонреден напор за време на невидената криза ја нагласуваат клучната улога на добро организирани, посветени, доброволни, неплатени донатори на крв во снабдувањето со крв во нормални и вонредни периоди.

Фокусот на овогодишната кампања е во слоганот на Светскиот ден на крводарителството  „Дај крв и одржувај го светот“. Пораката го потенцира суштинскиот придонес што го даваат дарителите на крв, спасувајќи животи и подобрувајќи го здравјето на другите. Тоа го зајакнува глобалниот повик за повеќе луѓе низ целиот свет редовно да даруваат крв и да придонесуваат за подобро здравје.

Посебен фокус на кампањата оваа година ќе биде улогата на младите во обезбедувањето безбедно снабдување со крв. Во многу земји, младите се во првите редови на активностите и иницијативите насочени кон постигнување на безбедно снабдување со крв преку доброволни, неплатени донации на крв. Младите формираат голем сектор од населението во многу општества и генерално се полни со идеализам, ентузијазам и креативност.

Специфичните цели на кампањата оваа година се:

-Благодарност на донаторите на крв во светот и создавање поширока јавна свест за потребата од редовно, неплатено дарување крв;

-Промовирање на заедничките вредности за дарување крв и зајакнување на солидарноста и социјалната кохезија во заедницата;

-Охрабрување на младите да го прифатат хуманитарниот повик да даруваат крв и да ги инспирираат другите да го сторат истото;

-Промовирање на потенцијалот на младите како партнери во здравствената промоција.

Заедничката соработка е клучна за подобар живот во општествата на кои им припаѓаме, а крводарителството е најдобриот пример како добрата соработка му помага на светот. Затоа, сите, кога сме во можност, да донираме крв барем еднаш секоја година, бидејќи со секое наше донирање спасуваме живот.

 

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести