Неделни податоци
Во текот на 45-та недела од 2019 година (од 04.11.2019 – 10.11.2019), пријавени се 39 (I=1,9/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 10 во споредба со минатата недела (n=29).
Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 7 материјали за тестирање на грип. Сите тестираните материјали се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.
Бројот на пријавени лица оваа недела е повеќе од двојно помал споредено со 45-та недела од минатата сезона (n=84), а во однос на бројот за 45-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) постои двојно намалување (n=78) (Графикон 1).
Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,38/100.000). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).
Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020
Како и претходната, во 45-та недела најголем број заболени (n=22; 56,4%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 4,3/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата од 0-4 години.
Оваа недела пријавени се заболени лица од 6 извештајни единици, од кои во две извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10. Најголем број заболени се пријавени од Гостивар (n=14) и Куманово (n=10). Највисока неделна инциденца (I=11,7/100.000) е регистрирана во Гостивар.
Кумулативни податоци
Во сезоната 2019/2020 вкупниот број на заболени од грип изнесува 125 (I=6,0/100.000).
Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=183), постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 31,7%, а во однос на моделот за последните 9 сезони (n=298) се регистрира намалување од 58,1%.
Кумулативно оваа сезона, пријавени се заболени лица од 12 извештајни единици, а во 4 извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е ≥10. Најголем број на заболени лица (n=35; 28,0%) и највисока кумулативна инциденца (I= I=29,2/100.000) се регистрирани во ПЕ Гостивар.
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 64 случаи (51,2%), а највисока кумулативна инциденца од 13,0/100.000 се регистрира кај децата од 5-14 години.
ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР
Од почетокот на сезоната 2019/2020, во оваа лабораторија пристигнат е вкупно 31 хуман материјал од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, сите тестирани негативни за присуство на вирусот на грип.
ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР
Малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на државата.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):
- Постарите лица (над 65 години)
- Бремени жени
- Лица постари од 6 месеци со хронични болести
- Деца на возраст од 6-59 месеци, и
- Здравствени работници.
За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Од истите, 1.000 дози се наменети за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а преостанатите 27.000 дози се наменети за лица над 65 годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени во било кој период од бременоста.
Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во ЦЈЗ/ПЕ, а за територијата на Скопје, покрај ЦЈЗ Скопје, оваа сезона вакцинацијата ќе се врши и во Поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир. Закажувањето за бесплатните вакцини ќе се одвива кај матичен лекар преку електронскиот систем „Мој Термин“.
Дополнителни 21.000 дози се набавени од страна на Центрите за јавно здравје како вакцини за останатото население кои не спаѓаат во горенаведените групи и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест.
Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 44-та недела 2019 година, активноста на вирусот на грип е на ниско сезонско ниво низ Европскиот регион. Инфлуенца вирусите се детектираат спорадично кај пациенти со респираторно заболување, а изолирани се типовите Influenza A и Influenza B. Од сентинел надзорот, од почетокот на сезоната, 3,1% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите:
- 49 Influenza A
- A(H1N1)pdm09 – 19
- A(H3N2) – 29
- А несубтипизиран – 1
- 33 Inluenza B
- Victoria lineage – 11
- Неодредена линија – 22
Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања
Институт за јавно здравје