Во периодот од 20.04-25.04.2019, пријавени се вкупно 95 нови случаи на мали сипаници.

Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 60 случаи се од Скопје, а останатите 35 се од 8 други градови во С. Македонија – Струга (11), Гостивар (7), Куманово (6), Тетово (6), Охрид (2), Велес (1), Прилеп (1) и Валандово (1).

Во тек на оваа недела најголем број на случаи (62) се на возраст над 20 години.

Според вакциналниот статус, 68 односно 71,6% од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 25.04.2019, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.175 случаи на мали сипаници со стапка на заболување од 56,8 на 100.000 жители, што претставува највисок број на регистрирани случаи во последните 10 години.

Поради исполнување на епидемиолошките критериуми, епидемија од мали сипаници е прогласена на цела територија на Република Северна Македонија!

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 21 град од Македонија, од нив 751 случај се од Скопје, Куманово – 109, Тетово – 99, Струга – 61, Кичево – 30, Гостивар – 27, Велес -25, , Гевгелија – 18,  Дебар – 17, а во останатите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи (Графикон 1).

Графикон 1.Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија, декември 2018 – април 2019

ms_1

Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години – 504, а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 39,6 на 100.000 жители. Пријавени се 200 деца на возраст под една година каде што се регистрира стапка на заболување од  855,7 на 100.000 жители. Децата на возраст 1-4 години се регистрираат со 202 случаи и втора највисока стапка на заболување од  217,6 на 100.000 жители (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според  возраст,   декември 2018-април 2019 (n=1175)

ms_2

Според вакциналниот статус, 895 или 76,1% од заболени лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 200 (17,0%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупно 202 заболени деца на возраст од 1-4 години, 88,1% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 674 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 65,4% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од пријавените случаи, 480 или 40,9% биле хоспитализирани, а кај 205 (17,4%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации – 54 или 26,3% биле кај деца на возраст под една година а 43 (21%) кај деца на возраст од 1-4 години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.

Во Скопје од почетокот на епидемијата, вкупно се вакцинирани 12.848 деца до 14 –годишна возраст.

Во останатиот дел од државата, вкупно се вакцинирани  8.320 деца до 14-годишна возраст со прва или втора доза.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 21.168.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ИЈЗ Скопје